Често поставувани прашања

Што е ЗПРМ?

ЗПРМ е македонската кратенка од името на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија. ЗПРМ е професионално здружение и работи на професионалниот развој на преведувачите и толкувачите во Република Македонија. ЗПРМ е регистрирано како непрофитно граѓанско здружение според Законот за граѓански здруженија и фондации.

Дали Здружение на преведувачи на Република Македонија и Здружение на преведувачи и толкувачи на Република Македонија се две различни здруженија?

Не. Првото е старото, а второто е новото име на нашето здружение. На 4 март 2017 год., Собранието на ЗПРМ го дополни името со „и толкувачи“ и сега името на здружението гласи „Здружение на преведувачи и толкувачи на Република Македонија“. Македонското скратено име ЗПРМ остана непроменето. Англиското име на здружението сега гласи: Macedonian Association of Translators and Interpreters. Англиското скратено име MATA остана непроменето.

За што се залага ЗПРМ?

Мисијата на ЗПРМ е да воведе професионални стандарди на пазарот во Република Македонија, да работи на професионалниот развој на преведувачите и толкувачите и да создава професионална перцепција за професиите преведувач и толкувач меѓу членовите на професиите, потенцијалните клиенти и општата јавност. Визија на ЗПРМ е да стане препознатлив застапник на интересите на преведувачите и толкувачите во Република Македонија.

Како се финансира ЗПРМ?

ЗПРМ се финансира преку годишните членарини што ги плаќаат членовите. Во иднина и позасилено ќе работиме на наоѓање дополнителни извори на финансирање преку пријавување за грантови, здружена работа на проекти со други организации и слично. ЗПРМ организира и настани за професионален развој каков што е годишната конференција за преведувачи и толкувачи за која наплаќа котизација. Котизацијата се наплаќа за да се покријат трошоците за конференцијата. Теоретски, ЗПРМ би можело да се финансира преку котизациите за конференциите и семинарите што ги организира, но во практика често е и во загуба со овие настани, а некои од нив се и бесплатни. Членовите на ЗПРМ што работат на организирање на активностите на здружението работат волонтерски и не добиваат надомест за својата работа.

Каква корист има од членувањето во ЗПРМ?

ЗПРМ е гласот на поединечните преведувачи и толкувачи што членуваат во него. Колку повеќе членови има во ЗПРМ што работат на градење и афирмирање на професиите, професионалните стандарди и професионалните деловни практики и цени, толку посилен ќе биде гласот на ЗПРМ и ќе претставува репрезентативен застапник на преведувачите и толкувачите во Македонија. Заедно сме посилни.

Како се станува член на ЗПРМ?

Во ЗПРМ може да се зачлените како активен член, како придружен член, како студент и како член-правно лице*. За активно членство постапката е следнава: испраќате барање за членство и професионална биографија на contact@mata.mk, барате тројца спонзори од активните членови на ЗПРМ што ќе ја поддржат вашата кандидатура и тоа ќе го потврдат со испраќање е-порака на е-адресата на здружението. Откако вашата пријава ќе биде одобрена, ја уплаќате членарината на сметката на ЗПРМ и повратно добивате информација дека сте активен член на ЗПРМ. Или, пак, може да побарате да се спроведе постапка со ад хок комисија: на contact@mata.mk испраќате порака со барање за активно членство преку формирање ад хок комисија што ќе ја разгледа вашата кандидатура. Комисијата ќе ви побара да поднесете документи (професионална биографија, препораки и сл.) и по два превода (може извадоци) од околу 600 збора, заедно со оригиналот, за секоја јазична комбинација со која работите. По разгледување на документите и преводите комисијата дава позитивна или негативна препорака (ги заменува тројцата спонзори од првата постапка). Откако вашата пријава ќе биде одобрена, ја уплаќате членарината на сметката на ЗПРМ и повратно добивате информација дека сте активен член на ЗПРМ. За придружно членство постапката е следнава: пополнувате барање за членство и го испраќате на contact@mata.mk, ја уплаќате членарината на сметката на ЗПРМ и ја испраќате уплатницата на contact@mata.mk, по што добивате известување дека сте станале придружен член. За студенти: доставувате барање за членство на contact@mata.mk, а во прилог на пораката ги испраќате првите две страници и страниците од последниот заверен семестар од студентскиот индекс. Потоа ја уплаќате членарината на сметката на ЗПРМ и ја испраќате уплатницата на contact@mata.mk, по што добивате известување дека сте станале член на ЗПРМ-студент. *за информации за членството како правно лице погледнете го статутот (членови 7-12). Повеќе информации ќе најдете во делот Зачлени се.

Која е разликата помеѓу активните и придружните членови?

Активните членови поминуваат низ постапка на проверка при зачленувањето во ЗПРМ, опишана во одговорот на претходното прашање. Поради тоа, тие имаат право да го користат логото на ЗПРМ како знак за квалитет и во маркетиншки цели, имаат право да бидат избрани во органите на ЗПРМ и имаат право на глас во собранието. Покрај тоа, ги уживаат и сите други поволности од членството. Активни членови може да бидат само поединци што се занимаваат со превод и/или толкување. Активните членови се срцевината на ЗПРМ. За разлика од нив, придружните членови не поминуваат низ постапка на проверка при зачленувањето, немаат право да бидат избрани во органите на Здружението и немаат право да го користат логото на ЗПРМ, но можат да го користат текстуалниот опис „придружен член на ЗПРМ“, да присуствуваат на собранијата и да дискутираат и даваат предлози и ги уживаат сите други поволности од членството. Придружни членови (по сопствен избор) може да бидат лица што се занимаваат со превод и толкување, членови на сродните професии (лектори, терминолози и сл.) и пријатели на професиите превод и толкување. Заедничко за сите членови е следново: - Со пристапувањето, без оглед на категоријата членство, секој член е должен да ги почитува Статутот, Кодексот на професионално и етичко однесување и Препораките за тарифирање на ЗПРМ. - Секој член, без оглед на категоријата членство, има право да учествува во осмислувањето и во организирањето на активностите на ЗПРМ.

Зошто се плаќа членарина?

ЗПРМ нема спонзори што би ги покриле трошоците за работење на здружението. Членарината е единствениот начин да се соберат средства за административното работење на здружението. Преку членарината сите членови солидарно учествуваат во извршувањето на законските обврски на ЗПРМ. Од членарината се финансираат и некои работилници за членовите на ЗПРМ. Исто така, членарината симболично ја претставува посветеноста на членот кон постигнувањето на визијата и мисијата на ЗПРМ.

Зошто да платам членарина? Што добивам од членарината?

Без плаќањето членарина не би било можно постоењето и работењето на ЗПРМ. Покрај извршувањето на административните и финансиските законски обврски на ЗПРМ, членарината овозможува и организирање бесплатни активности за професионален развој и за подобрување на видливоста на членовите. Понатаму, членарината е влог во унапредување на професионалните и деловните аспекти од твоето работење. Ако ја претвориме членарината во страници или часови превод, излегува дека за подобра професионална иднина годишно би вложил(-а) помеѓу 5 и 10 страници превод или 1-3 часа толкување. Како постоен член, ако ја платиш членарината на крајот од тековната година за следната година (на пример во декември 2016 за 2017 г.) ќе го искористиш правото на намалување на износот за 15-20 %. А ако присуствуваш на годишната конференција добиваш право на попуст на членарината за следната година од најмалку 30%. Покрај неформалното дружење, консултирање, поддржување и куражење и учење еден од друг, од што резултат е меѓусебниот професионален напредок и препораки за работа, секој член, токму поради фактот што плаќа членарина, добива и:

  • бесплатен пристап до информации за конференции, работилници и вебинари (и бесплатни и со котизации) организирани од партнерските организации и мрежи во кои членуваме (IAPTI, TermNET, CEATL и нивните партнерски организации и членки);
  • пристап до бесплатни настани за професионален развој во организација на ЗПРМ и на партнерските организации на ЗПРМ/мрежите во кои членуваме;
  • попуст на котизацијата за сите конференции и работилници што ги организира ЗПРМ;
  • попуст на конференциите на IAPTI и обуките на TermNET;
  • можност да си направи профил на веб-страницата на ЗПРМ со што станува видлив за потенцијални клиенти и на глобалниот и на локалниот пазар;
  • преку вмрежувањето со говорниците и со други колеги од други земји на конференциите на ЗПРМ и на партнерските организации се отвораат можности за соработка и добивање работа по пат на препорака;
  • пристап до затворената група на членовите на ЗПРМ на Фејсбук;
  • во иднина, и пристап до затворен дел достапен само за членовите на ЗПРМ на веб-страницата на здружението каде што ќе има пристап до библиотека и форуми за комуникација и консултација.

Зошто се плаќа котизација за конференциите на ЗПРМ?

Конференциите за професионален развој на ЗПРМ се од регионален и меѓународен карактер и подразбираат многу организациски трошоци (пат и престој за говорниците, сала/хотел, освежување, конференциски материјали и сл.). Бидејќи ЗПРМ нема спонзори што би ги покриле трошоците барем делумно, мора да наплати котизација за да може да ја организира конференцијата. ЗПРМ е непрофитна организација, па котизациите што се наплаќаат во раната регистрација се пресметани без никаква заработка и едвај ги покриваат трошоците за конференцијата. Износот на котизацијата во редовната регистрација е со многу мала маргина на заработка. Ако има заработка од конференцијата на ЗПРМ, тие средства или се користат за организирање бесплатни настани или учествуваат во покривање на трошоците за следната конференција. Целата работа околу организацијата на конференциите ја вршат членови на ЗПРМ што доброволно се пријавиле за тоа. Никој од нив не добива никаков хонорар за својата работа. Би можело да се рече дека овие членови на ЗПРМ се еден вид спонзори на конференцијата бидејќи го донираат својот труд и време. Без нивната посветеност, работа и активизам не би било можно да се организираат конференциите на ЗПРМ.

Дали ЗПРМ организира бесплатни настани?

Да, ЗПРМ организира бесплатни работилници и друг вид бесплатни настани. Тие се секогаш отворени за членовите, а неретко се отворени и за сите други заинтересирани. На пример, сите работилници за книжевен превод што се организираат во рамки на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ во Скопје и во други градови се бесплатни. Во 2016 год. имавме и бесплатен семинар за судски превод во заедничка организација со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, потоа организиравме бесплатна работилница за правната заштита на преведувачите и толкувачите кога ги наплаќаат своите хонорари како физички лица и тркалезна маса за состојбата во областа на толкувањето во Република Македонија од која произлегоа препораки за натамошно дејствување.

Какви правила постојат во ЗПРМ?

Сите правила што се однесуваат на работата на ЗПРМ и на професиите „преведувач“ и „толкувач“ се содржани во документите на ЗПРМ: Статут, Деловник за работа на собранието, Кодекс на професионално и етичко однесување, Препораки за тарифирање превод и толкување, Рамковна програма за работа (насоки). Овие документи ги содржат правилата за работата на органите на ЗПРМ, за насоките во кои ќе се развива ЗПРМ, за зачленувањето, за правата и обврските на членовите, за тоа кое однесување се смета за професионално и етичко и за наплатата на професионалната работа. Сите овие документи може да ги најдете овде.

Дали ЗПРМ има Кодекс на професионално и етичко однесување на членовите?

Да. Може да го прочитате овде.

Дали ЗПРМ има програма за работа?

ЗПРМ има рамковна програма за работа која ги дава општите насоки на работата и развивањето на ЗПРМ, а секоја година изработува и годишна работна програма врз основа на активностите што ги планираат тематските работни групи и Органот на управување.

Како се спроведуваат активностите во ЗПРМ?

Секоја година ЗПРМ изработува работен план, врз основа на предлозите на работните групи, ОУ и поединечни членови, го дискутира на годишното собрание и го спроведува. Активностите потоа се спроведуваат преку работните групи и од страна на членовите на Органот на управување. Исто така, во секое време секој член на ЗПРМ може да даде иницијатива за некоја активност и да ја организира независно од активностите на работните групи и на ОУ.

Како функционираат работните групи?

Секој самостојно и самоиницијативно се пријавува за учество во работна група, а членовите на работната група избираат координатор. Работната група заеднички прави план на активности со доделени задачи за секој член на групата. Работните групи работат на различни теми за кои има интерес меѓу членовите (судски превод, книжевен превод, толкување, односи со јавност и сл.). Сите активности на работните групи водат кон остварување на визијата и мисијата на ЗПРМ.

Дали членовите на Органот на управување добиваат хонорар за својата работа?

Не. Членовите на Органот на управување работат напорно и носат голема одговорност, но не добиваат хонорар за својата работа. Иако работат волонтерски, тие се легитимно избрани од Собранието (членовите) на ЗПРМ. (види Статут)

Дали членовите на работните групи добиваат хонорар за својата работа на активностите на ЗПРМ?

Членовите на работните групи на ЗПРМ работат волонтерски и не добиваат хонорар за својата работа.

Ако не сум платен(-а) за својата работа на активностите на ЗПРМ, зошто да се ангажирам? Каква корист имам од тоа?

Никој нема да ги реши нашите проблеми, односно проблемите со кои се среќаваме во нашите професии наместо нас. Нема надворешна сила, добротвор или чудо што ќе го стори тоа за нас. Затоа мора сами да се фатиме за работа и да го сработиме тоа што мора да се сработи. Точно е дека мора да вложиме труд без надомест и дел од приватното време, но тоа не е бесполезно. Покрај задоволството од постигнатите резултати од активностите, преку работата со колегите подобро се запознаваме, па поголема е и веројатноста дека ќе нè препорачаат за работа кога ќе се укаже можност. Потоа, комуницираме и се запознаваме со многу организации и луѓе кои во иднина би можеле да се сетат на нас кога ќе им треба преведувач или толкувач. А ако учествуваме во подготовката на некој проект, и тој е прифатен од донатор, може да заработиме преку работата на тој проект. Работата секогаш отвора врати.