РЕЗИМЕ НА ПЕТTИОТ ЦИКЛУС „ВАВИЛОН“ 2017-2018

Првонаградени во петтиот циклус на наградата Вавилон (2017/2018) се два превода, еден од шпански на македонски јазик и еден од шпански на албански јазик. Наградите ги доделија претставник на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, и претседателката на Организациониот одбор на „Вавилон“ и на МАТА, Огнена Никуљски.

Како и секое досегашно издание, така и минатогодишното издание беше реализирано со здружени активности на МАТА и Делегацијата на ЕУ во Скопје:

Делегацијата го објави огласот на трите јазици (македонски, англиски, албански) во печатените медиуми и на своите електронски медиуми (интернет-страница и страница на Фејсбук) и изработи промотивни материјали како постер и леток.

МАТА го објави огласот и летокот на својата интернет-страница, на својата страница на Фејсбук, во групата „Прифатилиште за преведувачи и толкувачи“ на Фејсбук која брои над 9000 членови, на професионалниот портал на преведувачката индустрија ProZ.com, и испрати известување по е-пошта до сите членови и преведувачи што се на списокот со контакти на МАТА (над 1500).

ЕУ инфо-центарот на Делегацијата на ЕУ и МАТА ги подготвија и дистрибуираа промотивните материјали до сите филолошки факултети при сите државни и приватни универзитети во Македонија, како и до инфо-точките во градовите каде што ги има.

МАТА одржа 5 информативни сесии и преведувачки работилници (за кои подготви текстови за превод на повеќе јазици што се говорат во ЕУ и во РМ), во Скопје, Штип, Тетово и Битола.

Преводите се испраќаа под шифри, до ЕУ Инфо центарот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, и по проверката дали ги задоволуваат условите, под нови шифри беа доставени до првостепената и второстепената комисија на Вавилон.

Беше подготвен јавно достапен документ со одговори на најчесто поставуваните прашања во врска со наградата.

МАТА ги контактираше и ангажираше можните членови на првостепената и второстепената комисија, и одржа координативни средби со нив.

МАТА изготви подробни упатства за работа и критериуми за оценување за двете комисии (комисија за двојазична проверка и комисија за еднојазична проверка). При двојазичната проверка, секој текст независно го прегледаа по двајца искусни книжевни преведувачи кои работат во соодветните јазични парови. Потоа текстовите ги разгледуваше еднојазичната комисија. Секој од членовите на комисиите работеше независно, според упатствата изготвени од МАТА, а организацискиот одбор потоа ги сумираше резултатите и извлече средна оценка за секој текст посебно.

Конечните резултати беа утврдени во август 2018, а наградите беа доделени на 26 септември 2018, и истовремено беше објавен конкурсот за наредната година.

Првонаградените (двајца) ќе одат на саемот на книга во Барселона, во октомври 2019 г. Сета работа околу организирањето на нивното патување ја спроведува МАТА.

МАТА ги зачлени првонаградените и го покри трошокот за нивното членство.

Првонаградените преводи се објавени во „Културен живот“ бр 3-4/2018.

Се одржа состанок на ОО Вавилон за осмислување и спроведување на конкурсот за шестото издание на Наградата Вавилон 2018/2019: анализа на извештајот за циклусот 2017/2018 и можни подобрувања на целиот процес, планирање и организирање на сите активности со временскиот распоред за сите активности, изготвување текст за јавни објави (од септември 2018 до септември 2019). Наградата е промовирана дома и во странство, преку односите со јавност, учество на меѓународни конференции на членови на МАТА и сл.

МАТА изготви план за изработка на детална интернет-страница посветена на наградата Вавилон на која ќе бидат достапни сите информации поврзани со наградата, победниците на посебните изданија, поддржувачите и спонзорите на наградата, настаните во рамките на наградата, претставувањата на наградата во земјата, регионот и во странство, поддржани во фотографии и видео-материјали. Доколку се обезбедат средства за изработка на оваа веб-страница, таа ќе биде на македонски, англиски и на другите јазици што се говорат во РСМ (зависно од динамиката на обезбедување средства).