Шеста конференција на ЗПРМ – Судскиот превод во Македонија

Дали си го резервиравте 17 ноември?
Сé што сте сакале да знаете за судскиот превод во Македонија можете да го слушнете на најважниот настан за судски превод оваа година!

За да си обезбедите место, уплатете ја котизацијата на следнава сметка на ЗПРМ 210066656240175 со цел на дознака: Конференција 2018.
Редовна котизација: 900 мкд
Котизација со попуст за членовите на ЗПРМ: 700 мкд

Еве некои од проблемите за кои ќе дискутираме и кои ќе се обидеме да ги решиме на конференцијата на 17 ноември:

  • Која е улогата на судскиот преведувач/толкувач во судница? Како треба да се подготви и на што треба да внимава додека толкува за некоја од странките во постапката, како да го наплати својот ангажман од страна на судот?
  • Нашата пракса како судски преведувачи покажува дека различните установи во Македонија користат различни системи за транслитерација, што во голема мера ја отежнува работата на преведувачите и води кон тоа и самите преведувачи да применуваат различни системи за транслитерација.
    Кога станува збор за пишување на странски имиња на кирилица, најчесто се инсистира на предавање на странските имиња „буква за буква“. На пример, англиското име George на кирилица се запишува како Георге, а не како Џорџ. Но, сериозен проблем настанува кога треба да се запише некоја латинична буква која нема соодветник во македонската кирилица: y, x, w, q, ë, æ, ñ, đ и др.
    Кога станува збор за пишување на македонски имиња на латиница, некои установи/преведувачи целосно го применуваат новиот систем за транслитерација со две букви, додека пак други сè уште ги користат дијакритичните знаци. На пример, во повеќето случаи името Наташа на латиница се запишува како Natasha, но некои сè уште ја користат и варијантата Nataša.
    Проблем настанува и кога на некој странски јазик треба да се запише име на граѓанин на Република Македонија кој е припадник на некоја од етничките заедници. Во тие случаи, некои установи/преведувачи се раководат според правилата за транслитерација што важат за македонскиот јазик, додека пак другите се раководат според јазикот на односната етничка заедница. На пример, името на македонскиот државјанин од албанската етничка заедница, Џељадин, на странски јазик, на латиница, некои би го запишале како Dželjadin / Djeljadin (според македонскиот правопис) додека пак другите би го запишале како Xheladin (според албанскиот правопис).
  • Што е разликата меѓу жалба и тужба? Што е народен правобранител, што државно правобранителство, а што државно обвинителство? Што значат кратенките на судските документи? Какви судови постојат во РМ?