Прогласени победниците на петтиот Конкурс за најдобар млад преведувач „Вавилон“ 2018 г.

На 26 септември 2018 год. во МКЦ Клуб-ресторанот беа прогласени победниците на петтата Награда за најдобар млад преведувач „Вавилон“.

Студентите Никола Спасовски и Ардита Зулфиу ја освоија петтата Награда за најдобар млад преведувач „Вавилон“, за превод на дела на македонски и албански јазик. Адријана Трајанова и Марио Стојаноски, пак, добија признание за освоено второ и трето место.

Наградите ги врачија Фрејк Јанмат, претставник на Делегацијата на ЕУ и Огнена Никуљски, претседател на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија, Калина Малеска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Љубица Арсовска, член на Oрганизациски одбор на наградата „Вавилон“.

Оваа година за првпат, наградата „Вавилон“ се состои од студиско патување, покрај членството во Здружението и објавување на нивниот превод во магазинот „Културен живот“.

Целите на Конкурсот за најдобар млад преведувач, којашто се одржува по повод Европскиот ден на јазиците и основан од Делегацијата на Европската Унија во 2013, се да се промовираат младите преведувачи, како и да се поттикне врвен квалитет при преведувањето литературни дела. Конкурсот е отворен за млади преведувачи, не постари од 26 години. Пријавите треба да бидат преводи на литературни дела од било кој од 24-те официјални јазици на Европската Унија на било кој од јазиците кои се зборуваат во земјата.