НАЈНОВ СТАВ НА ЗПРМ ВО ВРСКА СО ПАКЕТОТ ЗАКОНИ ЗА ХОНОРАРЦИТЕ

Со оглед на честите измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, како и на пакетот закони што ги засегаат хонорарците, Здружението на преведувачи на Република Македонија (ЗПРМ) сака да го повтори своето барање да се сопре спроведувањето на законските одредби сè додека не се расчистат сите недоречености и недоумици, во консултација со сите засегнати страни, и додека не се добие ставот на Уставниот суд во врска со овој закон.

Честите измени и дополнувања укажуваат дека законите содржат недостатоци, кои предизвикуваат забуни и фрустрации, како кај граѓаните, така и кај институциите задолжени за нивно спроведување. Освен тоа, сите досегашни одредби и измени претежно се сосредоточени на обврските на граѓаните што остваруваат приходи врз основа на авторски договори, договори за дело или други договори, но не вклучуваат објаснувања и механизми како обврзниците да ги добијат услугите за кои плаќаат. Ова е особено важно со оглед на тоа што во практиката се покажа дека голем дел од хонорарните работници, особено оние од слободните професии, според сегашните одредби на законот, не можат да ги остварат правата.

Затоа Здружението на преведувачи на РМ апелира да се запре спроведувањето на законите и тие да се вратат на темелна ревизија, по соодветна јавна дебата и консултација со еснафските здруженија и граѓаните што се директно засегнати.

ДОСЕГАШНИ АКТИВНОСТИ НА ЗПРМ ВО ВРСКА СО ОДРЕДБИТЕ ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ОСИГУРУВАЊЕ НА ХОНОРАРЦИТЕ

Од крајот на минатата година, здружението вложува напори да издејствува промени што ќе ги заштитат слободните професионалци, во кои влегуваат и голем број преведувачи и толкувачи. За таа цел, пративме претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, во која посочивме одредби што сметаме дека ги дискриминираат хонорарните работници. Поведена е постапка, која во моментов е во тек. Потоа, заедно со Здружението на лектори на РМ и Здружението на конференциски толкувачи, испративме писмо со забелешки и предлози за подобрување на законите до Министерството за труд и социјална политика, а наши претставници остварија и средба со претставник од министерството за да дознаат малку повеќе за начините на кои е предвидено хонорарците да ги добијат услугите што се обврзани да ги плаќаат. Досега немаме добиено одговор од министерството во врска со писмото и со нашите барања и сугестии.

Наши претставници беа на средба и со претставници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, на која посочија недостатоци во самата пријава на пристигнатите надоместоци, кои не беа во согласност со законот. Во пријавата немаше место да се обележи видот на договорот и дали и колкави се признаените трошоци утврдени според Законот за персоналниот данок на доход, кои имаат големо влијание врз основицата на која потоа се пресметуваат социјалните придонеси. Новата верзија на пријавата сега содржи ставки и за видот на договорот и за процентот признаени трошоци.

Здружението се обрати и до Дирекцијата за заштита на личните податоци со прашање во врска со документацијата што ФПИОМ бараше да се приложи при пријавувањето на надоместоците. Дирекцијата му укажа на Фондот дека барањето на ваквата документација се коси со Законот за заштита на личните податоци, па сега, при пријавувањето надоместоци, освен точно пополнетата пријава, други придружни документи не се потребни.

На крајот, следниве врски водат до дел од забелешките и предлозите што ЗПРМ ги понуди во врска со претходните верзии на законите:

Став на ЗПРМ
Писмо до МТСП
Барања и сугестии за МТСП
Примери и сценарија
Основи за дискриминација