ЗПРМ СЕ ЗБОГУВА СО ГРЕАМ РИД

На 16 март 2015 година во Единбург почина Греам Рид, почесен член на ЗПРМ, омилен лектор на многу генерации студенти на Катедрата за англиски јазик и книжевност, истакнат преведувач, добитник на Рациновата награда за превод и меѓународна афирмација на македонската литература, носител на Орденот на Британската империја, Professor Honoris Causa на УКИМ, голем пријател на Македонија и Македонец по сопствен избор – побара и доби македонско државјанство.

Од него, меѓу другото, учевме и дека залудно нешто прекрасно ќе кажете на англиски ако не знаете исто толку прекрасно да го кажете и на сопствениот јазик.
Ќе ни недостига.