Македонскиот може да беседи на книжевна гозба со сите jазици

ognen-cemerski-janevska-ilieva-02[1]

Огнен Чемерски, активен член на Здружението на преведувачи на Република Македонија, зборува за преводот општо, за неговиот превод на Моби Дик, за квалитетот на книжевниот превод и состојбата со издаваштвото во Македонија, за едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, за македонскиот јазик и преводливоста на странските класици на него, за заемките во македонскиот јазик, за законот за хонорарците, за Здружението на преведувачи на Република Македонија и за многу други работи.

Македонскиот може да беседи на книжевна гозба со сите jазици

Со преводот на „Моби Дик“ на македонски јазик, објавен кон крајот на минатата година во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, направи вистински преведувачки подвиг. Го работеше цели 14 години, а идејата да го преточи текстот на мајчиниот јазик ја имал уште кога првпат ја прочитал книгата во 1999 година, кога бил на студии во САД.
– Книгата ме восхити, но и ме исплаши. Тоа е книга на морнарски и на еден старински англиски јазик, кој им е познат на малкумина родени говорители на англискиот. Но Мелвил решил да напише книга за сè токму на тој морнарски јазик што го измешал со јазикот на преводот на Библијата од времето на кралот Џејмс, па уште и се угледувал на јазикот на неколку преводи на Хомеровите „Илијада“ и „Одисеја“ и на јазикот на Џон Милтон во „Загубениот рај“. Тогаш сфатив дека мене познавањето на мајчиниот јазик ми е слабичко и дека ќе треба многу да учам за да ја преведам на македонски еден ден, како што бев решил – се сеќава Огнен Чемерски, преведувач и асистент на Катедрата за англиски јазик и книжевност при филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Романот излезе во декември, но досега не е промовиран. Можно е пролетва да биде одбележано неговото излегување.

Како се случи овој превод, како одеше целиот процес, колку е преводлив „Моби Дик“ на македонски?
– Ако преводот е воопшто можен, што е големо прашање (зашто јазикот на оригиналот и неговата смисла се сврзани на сосема својствен начин, а во преводот таа врска не е истоветна), тогаш и оваа книга е преводлива на македонски. Станав понизен пред јазикот. Со себе имав неколку книги од Марко Цепенков, од Кирил Пејчиновиќ и од Јоаким Крчоски, а ги имав и „Загубениот рај“ во превод од Драги Михајловски и „Пофалба на лудоста“ во превод од Љубинка Басотова, па уште таму почнав многу поинаку да читам надвор од домашните задачи и да бележам зборови. Но најголем беше стравот од поморјанскиот јазик, зашто не знаев каде ќе ги барам решенијата за тие работи. Мелвил со тој јазик оживувал многу скаменети идиоми, него го користел за да беседи за вселенски теми. Откако во 2000 година се вратив во Македонија, читав разни стари книги на старински и на современ македонски, дури и читав текстови на црковнословенски, но, зашто требаше да се учи повеќе од само морнарство, појдов и по села и по гратчиња за да зборувам со баби и со дедовци, да го учам јазикот од нив и да запишувам; истражував како се создавал англискиот морнарски јазик, а зборував и со наши рибари и со градители за да видам како се создавал јазикот на нашите пловци; зборував со рибари и со пловци од целиот Јадран и од нашите езера, заоѓав во разговори и ја оставав девојка ми (сегашната сопруга) оддалеку да ме гледа забеган во разговори со Наум и со Анте. Изнакупив поморски речници и енциклопедии, копав во лексикографските подвизи што се чуваат од Истра до МАНУ. И откривав големи совпаѓања. Ми требаа многу години за да го сварам и да го систематизирам сето тоа и за да се охрабрам да почнам да преведувам. Откако почнав, преведував шест-седум години речиси во секој слободен миг што ќе го украдев. Посветив вкупно четиринаесет години. Преработував, се навраќав, ревносно читав уште повеќе и запишував зборови, ја очудував лексиката и си играв со збороредот по примерот на Мелвил и на оние од кои учел, па учев и од нашите преведувачи на тие големи дела: од Михајловски, Петрушевски, Конески и многумина други наназад, дури до Кирил и Методиј. Така и го напишав магистерскиот труд за преведувањето поморјанска терминологија. Се надевам дека преводот успеа да се допре со оригиналот во онаа скапоцена тангента точка за која зборува Валтер Бенјамин во својот славен есеј „Задачата на преведувачот“. Сега тој превод веќе не е само мој. Сега му припаѓа на македонскиот јазик.

„Моби Дик“ е дел од проектот „Ѕвезди на светската книжевност“. Пишував еден текст за овој проект и го насловив „Ѕвездите нема да блеснат без врвни преведувачи“… Се согласувате ли со оваа констатација?
– „Моби Дик“ во „Ѕвездите“ влезе во многу одмината фаза на преведувањето. Благодарение на таа многугодишна работа, реков, растев како преведувач. А во таа едиција има и други такви преводи и препеви. Имаше таму преведувачи што добро знаат колку и со кое темпо може и треба. Имаше и такви што се прецениле. Но вашата реченица важи за сите книжевни дела. Колку ѕвезди блеснале, а колку не, ќе кажуваат читателите и критичарите. Допрва ќе се чита и ќе се коментира. Мене најмногу ме разочара еден настан што не зависеше од преведувачот. Тоа се недозволивите лекторски измени што го обезличија намерно избраниот неук и нестандарден јазик во преводот на „Хаклбери Фин“ од Калина Малеска. Така, не по вина на преведувачката, туку поради произволна одлука на некој што во издавачкиот процес си дозволил без прашање да ги смени и да ги испегла оправданите јазични отстапки во преводот, една ѕвезда од Марк Твен стана црна дупка и превод – сираче без автор.
Затоа со страв гледам на големите централизирани проекти. Колку и да била благородна намерата да се преведат сите тие дела на македонски, колку и да била добра намерата секој превод да си го најде својот преведувач, колку и да произлегоа од „Ѕвездите“ добри преводи, сепак во целиот процес кај многумина преведувачи се создаде и некое горчливо чувство. Централизираноста на ваквите проекти, кои имаат доста крута динамика, неминовниот тендерски дух, пресметките на издавачите околу државните пари, жонглирањето со роковите, со хонорарите и со трошоците, брзањето на преведувачите и на лекторите, желбата на некои издавачи без многу бранување да ги задоволат мерилата за стандардниот јазик во книжевноста, кои, всушност, погрешно ги разбрале – сето тоа како да направи од многумина во овој процес некакви државни чиновници и производители (повеќе отколку творци) на преводи што бркаат некаква норма. Точно е дека државата мора да вложува во културата, тоа е цивилизациска задача. Но државата попрво мора со многу слух, флексибилно и долгорочно да создава услови за развој на преведуваштвото и на издаваштвото, наместо извесен период во суштина да биде главен работодавец. Така, верувам, повеќе ќе заблеснат и добрите преведувачи.

Што значи да си преведувач на литературни дела во Македонија, се живее ли од тоа?
– Не се живее од преведување книжевност. Барем јас не познавам преведувачи што си го вадат лебецот само од тоа. Мислам дека и во светот е тешко да се живее само од таков превод. Тоа е дополнителна дејност. Ако преведуваш книжевност, или си вљубеник во тоа, зашто заработувачката не ти е основна побуда, или си лукав трговец, па продаваш басми. Познавам и вакви и такви. Се разбира, ниту вљубеникот не може да си дозволи да биде бессребреник и да не заработи нешто, но кога ќе се пресметаат времето, трудот и трошоците, таквиот преведувач најчесто е во зијан. Кај вториот вид, времето, трудот и трошоците се мали, а зијанат преводот, книжевноста, јазикот и читателот.

Често се слушаат поплаки од преведувачите дека издавачите нудат малку пари и даваат кратки рокови за превод. Како е да се работи една толку сериозна и макотрпна работа под ваков притисок?
– Точно е дека повеќето издавачи го прават тоа. Точно е и дека авторскиот труд се плаќа дури и помалку од преведувачкиот, но тоа не значи дека преведувачот е преплатен. Тоа значи дека и едниот и другиот се голтари. Воопшто, малкумина ја сфаќаат сериозно умствената работа од која нема корист како од телевизор или од автомобил. Луѓето, па и некои издавачи, попрво ќе се пазарат за цената на преводот отколку за цената на некој претставителен коктел или за наемот на просторијата за промоција. Но огромен удел имаат и устројството на целиот издавачки процес и крутоста на институциите што го финансираат издаваштвото. Издавачите, најчесто, се обврзани со едногодишни програми и буџети. Ретко се работи на повеќегодишни програми што би овозможиле подолгорочно планирање. Во сегашните услови, преведувачите и издавачите го носат сиот товар на повеќегодишното планирање и ризикуваат да не најдат пари за издавање на делата на кои би требало да се работи долго време. Така, многу останува на вљубениците што се подготвени и да зијанат. А работата под притисокот на итноста е ужасна, понижувачка и штетна за квалитетот, па преведувачот, кој инаку би можел да блесне, не можејќи да истражува, ќе создаде дело со кое нема да се пофали, и со кое, можеби, ќе ја навреди и ќе ја понижи книжевноста. Секако, има издавачи и преведувачи на кои ништо од ова не им е важно, па издавачката политика им оди на рака и во неа ловат во матно.

Дали прифаќате секаква книга за превод, или ви е важно да се работи за квалитетен наслов?
– Никако не прифаќам секаква книга. Веќе не. Отсекогаш ми било важно да преведувам текстови од кои ќе учам. Но сепак, порано, понекогаш правев компромиси и преведував и скудни писанија, па се чудев како некој може да биде толку неук и бездарен, а сепак да се фати за перо и да умува. Веќе не прифаќам такви текстови. Сега преведувам само работи што ќе ме привлечат, односно така избирам која нарачка ќе ја прифатам, а имам и план што ќе преведувам понатаму за своја душа, без разлика што тоа ќе биде неисплатливо. Има дела што мислам дека мора да се преведат или да се препреведат на македонски и на тоа гледам како на мој долг кон македонскиот јазик. Всушност, токму од тие побуди станав преведувач и ги учев македонскиот и англискиот јазик. Така најмногу и научив.

Михајловски е главен преведувач од англиски јазик, Ширилов од француски, а Клетников од руски, на пример. Имаме ли доволно квалитетни преведувачи?
– Веднаш ќе ви кажам дека знам дека имаме многумина квалитетни преведувачи. Но дозволете прво да кажам дека не верувам дека Михајловски ќе ви се согласи со зборот „главен“. Не знам што би рекле другите двајца. Нема главен преведувач. Јас Михајловски би го нарекол велик преведувач. Од него учам уште од првите вежби по книжевност, кога ми предаваше во прва година. Знам наизуст цели одломки од неговите преводи и од неговата проза. Не случајно го понесов неговиот превод на „Загубениот рај“ на студии во САД, иако во тамошната библиотека имаше десетици различни англиски изданија. Тој превод најмногу ми требаше. И денес ми е најдраг тој превод, иако оттогаш Драги има сјајно преведено многу подобри дела од тоа. Но Драги убаво ме научи да учам и од други. И не ме подучувал само мене. А тука е и поентата. Тој подучувал поколенија преведувачи од сите катедри на Филолошкиот факултет во Скопје. Меѓу тие луѓе има сјајни преведувачи, од кои многумина се докажале, а многумина допрва ќе се докажуваат. Проблемот, мислам, е што многу недостига во преведувачко-издавачкиот процес. Пазарџискиот (а не само пазарниот) однос кон книжевниот превод и кон книжевноста има направено многу штета, а преведувачите се борат за гол живот. И сјајните преведувачи попрво ќе преведуваат сувопарни закони и консултантски извештаи наместо да се мачат со бедно платени книжевни преводи. Тука преведувачите мора самите, поединечно и здружени, да се изборат за сопствените начела и да се држат за нив. Затоа и се формира Здружението на преведувачи на РМ (ЗПРМ), чија цел, меѓу другото, е да го зајакне преведувачот во тој процес.

Во голем број изданија издавачите воопшто не споменуваат од кој јазик се преведува, многу од нив ангажираат непрофесионални преведувачи или студенти по соодветниот јазик што сѐ уште немаат ни доволно знаење, а уште помалку искуство. Чија е одговорноста за лошите книжевни преводи?
– Во ред е да се консултирате со други преводи, а тогаш сигурно ќе видите дека не треба да преведувате од превод. Оригиналот мора да ви биде извор, бидејќи преводот веќе се одвоил од оригиналот и во него се загубило многу, иако тој има врска со изворниот текст. Но тој само има врска, а не е оригиналниот текст. Тој е како сенка. Штом преведувате од превод, преведувате од неговата сенка и врската со оригиналот ја нема никаде. Најодговорен за ова е преведувачот. Издавачот, раководен од пазарни побуди, може да предложи и да побара што сака. Но обврска на преведувачот е да зазира од таков превод или, доколку се нафати, да бара видливо да се означи дека се работи за посреден превод. Според мене, посредниот превод е најнепожелен и треба да се избегнува.

Во една пригода изјавивте дека делото треба да се преведува толку долго колку што го пишувал авторот. Навистина ли преведувањето е рамно на творечкиот чин?
– Понекогаш треба да се преведува и подолго. Тука ги засметувам и подготовките. За да го преведувам Мелвила, требаше да стасам на снага. И возраста има голема улога. Вие мора да го знаете или да го научите она што го знаел авторот, или барем треба да бидете во состојба да откриете некоја алузија на некој од ликовите. Прво треба да препознаете дека се работи за алузија. Потоа, тоа на што се алудира треба да го видите во првобитниот контекст, па да го разгледате контекстот во делото што го преведувате, а од тоа да произлезе и вашето преводно решение. Не преведувате зборови и значења, туку смисла според која ги обликувате зборовите и речениците, призвукот, музиката, чекорите… На крајот вие создавате ново дело. Тоа дело не е оригиналот; рековме дека тоа дело само има врска со оригиналот. Како што вели Михајловски, преводот не му прави ништо на оригиналот, зашто тој си стои суверено и е неменлив. Вашето преведувачко дело почнува да живее свој живот.

Зборовите: твитање, гуглање, шопинг, фастфуд, принтање, кастинг, кул, тренд, лајк, поук, френд… веќе се одомаќени во секојдневната комуникација. Едни ги поддржуваат заемките, други го оправдуваат користењето само на определени зборови (главно оние под влијание на користењето Интернет), а трети сметаат дека прифаќањето туѓа лексика може да доведе до заборавање на македонските зборови. На која група припаѓате вие?
– Не сум ревносен јазичен чистотник. Се разбира, кога можам да употребам наш збор, попрво ќе се послужам со него. Но заемките, особено денес, се природна работа. Како да кажам „гуглање“ на македонски, а тоа да биде збор со словенски корен забележан во некое „Слово против порочного гугланија“ од, да речеме, Црноризец Храбар, кога тој глагол значи „пребарување на Гугл“? Што му фали на зборот? Глаголот си е добро изведен. Некои вакви зборови ќе опстанат, а некои ќе изумрат. Треба да се внимава на правилата за зборообразување. Колку и да ви е мил зборот сметач, сепак ќе изгуглате на компјутер. Нема ли да облечете чорапи? И тоа е заемка. Калци ли ќе облечете? И тоа е заемка. Така растат речниците. Некои зборови може да се преведат, па да видиме дали ќе опстанат. Сум го правел тоа. Ако ги употребуваме, ќе опстанат. За јазикот се штетни преземањето на туѓата синтакса и буквалното преведување на идиоми и фрази. Така настануваат смисловни забуни, се нарушува ритмиката, звучи извештачено и грдо. Тажно е кога луѓето забораваат дури и да ги степенуваат придавките, па велат повеќе убаво наместо поубаво. Но тоа е неукост.

Интересно е што во Македонија употребата на интернационализми се смета за престижна општествена јазична варијанта и го отсликува говорителот како припадник на интелектуално висока класа. Како гледате на оваа појава?
– Тоа е прашање на стил, понекогаш на смешна високопарност, а понекогаш е и знак дека не се познава сопствениот јазик. Мене таквите беседници ми се смешни и би им ставил ѕвончиња на капите. Нема ништо умствено и мислителски повозвишено во визибилноста отколку во видливоста. Трансформацијата не е поголема од преобразбата.

Како пример на крут однос кон чистотата на јазикот се посочува Франција. Како пример на другата крајност (речиси рамнодушност) се посочува најчесто португалскиот јазик, каде што отсуствува отпорот кон заемките, особено оние со англиско потекло. Каде сме ние, некаде помеѓу?
– Некаде помеѓу сме. Законот предвидува задолжителна лектура. А лекторите се неопходни. Кога се умни и учени, вистински благодат е да се работи со нив. Треба убаво да си ја знаат историјата на македонскиот јазик и тогаш се доаѓа до сјајни решенија кога се создава нов збор или кога се бара оправданост за преземање странски збор. Многу учам од нив. Ако се загубиш во синтаксата, можат да те опаметат. Самите лектори не смеат да бидат крути, а кога се, и тоа може да биде знак за слаба поткованост, несигурност или мрза. Исто така, сè зависи и од текстот што се преведува. Не може сленг да преведувате на академски јазик. Тука отстапките се неминовни. Но слободата во јазикот не значи и безредие. Таа подразбира огромна одговорност и внимателно калемење на постојното ткиво. Инаку, решението нема да се фати или ќе биде некаков тумор.

Актуелен во последно време е новиот закон за хонорарците. Како ќе се одразат новите давачки врз и онака слабо платената преведувачка работа?
– Законот за хонорарците ќе им донесе на преведувачите и на толкувачите големо зло и многу неправди. Секако дека слободните преведувачи и толкувачи би сакале да имаат осигурување, но треба самите да одлучуваат каде ќе ја вложуваат евентуалната заштеда за да имаат некакви придобивки од осигурувањето. Овој закон им носи обврски, но не и вистински придобивки. Тој на хартија на неупатениот можеби му изгледа како праведен и корисен за хонорарецот, но во суштина е штетен. Истото тоа важи и за вработените преведувачи што дополнително остваруваат приходи од хонорари. Приходите се мали, нередовни и ретко ги покриваат основните трошоци, нарачките се секогаш неизвесни и со сегашните ниски цени едвај се крпи крај со крај, а нарачателите не сакаат ниту да слушнат за поскапување сразмерно со дополнителните трошоци. Тоа веќе се гледа на терен. Ако преведувачот е привремено или трајно онеспособен, ги нема придобивките што ги има работникот што е во редовен работен однос, иако уплаќа од сè што заработува. Само ова е доволно за да се оспорат тврдењата дека законот има некаков солидарен дух. Хонорарните преведувачи немаат породилно отсуство, немаат годишен одмор, немаат боледување, а во време кога не се во состојба да работат, тие не можат да заработат и да обезбедат за живот, а камоли за давачки, па она што го уплатиле дотогаш, освен за некоја цркавица во вид на неизвесна пензија, им пропаѓа.

Ако јазикот е идентитетот на еден народ и ако најважните дела од светската книжевност се преведат квалитетно на еден јазик, тоа значи дека тој јазик суверено се афирмира во цел свет како јазик што може да ја издржи тежината на врвната литература. Го може ли тоа македонскиот?
– Секако дека македонскиот јазик го може тоа. Па тоа со своите преводи го докажале многумина. Македонскиот јазик има огромна зборообразувачка моќ; толку е голема неговата моќ што на него може да се преведува секаква книжевност. Вакво завештание ни оставиле Кирил и Методиј и прво треба да се учи од нив. Од нив учеле нашите најголеми мајстори и мајсторици. Може да се преведува и поморјански јазик. Може со кованици и со сложенки да се преведуваат германски сложенки, а оттука и сложени филозофски концепти да се сјадрат и да се доловат со наши кованици. Некаде напишав дека македонскиот јазик може да беседи на книжевна гозба со сите јазици, но од нас самите зависи како ќе му служиме на својот јазик на таа гозба, какви виноточи ќе му бидеме и, би додал, дали ќе го натераме да ни удри една преку уста. На факултет учиме да размислуваме за вакви работи. Тоа ни треба. Ова е тоа што никаков државен испит не може да го измери. Ваквите работи, истражувања, размислувања и написи може да замрат ако нашите луѓе, наместо да пишуваат трудови за мајсториите на македонското преведуваштво, мора да објавуваат во странски списанија со фактор на влијание (на чии уредувачки одбори главно им се битни комерцијалните аспекти на цитирањето, а не самиот квалитет на трудот, а уште помалку аспектите на јазикот што го зборуваат два милиони говорители), некакви трудови на англиски јазик за, да речеме, три англиски преводи на Хомеровата „Одисеја“, наместо кај нас да пишуваат за преводите на Прличев и на Петрушевски, за решенијата како што е „многуљудни“ на вториов во „Одисејата“, или за глаголите како што е „обезлуѓи“ на Михајловски во преводите на Шекспир.


Автор: Весна Дамчевска

Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Преземено од: http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=33151518397&id=26&prilog=1&setIzdanie=23410<img class=”alignleft size-thumbnail wp-image-877″ title=”ognen-cemerski—janevska-ilieva-02″ src=”http://mata.mk/wp-content/uploads/2015/03/ognen-cemerski-janevska-ilieva-02-290×290.jpg” alt=”” width=”290″ height=”290″ />

<strong>