ЗПРМ, ЗКТРМ И ЗЛРМ ПОДНЕСОА ПИСМО ДО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД

На 30.12.2014 г., трите национални здруженија на преведувачите, конференциските толкувачи и на лекторите поднесоа писмо до Министерството за труд и социјална политика во врска со новите законски решенија за задолжително социјално осигурување.

Сметаме дека, во обид да се справат со злоупотребата на работниците во прикриен работен однос, законските решенија ги загрозуваат правата на вистинските хонорарни работници, пред сè вршителите на слободните професии, во кои спаѓаат и преведувачите, конференциските толкувачи и лекторите. Законските решенија, такви какви што се, ја ставаат во многу неповолна положба оваа категорија лица, кои отсега ќе имаат дополнителни финансиски обврски во задолжителното социјално осигурување, но – парадоксално – помала социјална сигурност отколку досега. Тие, иако ќе ги плаќаат сите придонеси за пензиско и за здравствено осигурување, кои понекогаш ќе бидат номинално повисоки од оние што ги плаќаат редовно вработените, ќе имаат само ограничен пристап до здравствените услуги и речиси нема да можат да го остварат правото на минимална пензија во текот на својот работен век. Дополнително, поради природата на самите професии, тие што се во редовен работен однос, по најавувањето на законските измени, веќе се соочуваат со можноста вработувањето да им се замени со хонорарен ангажман, со несигурна работа и со несигурни приходи, како и со речиси никакви социјални права. Стравуваме дека, при вакви услови, пред сè се доведува во прашање нашата егзистенција, а нашиот интелектуален труд ќе биде девалвиран до нивото на економска неисплатливост. Тоа ќе влијае врз квалитетот на нашите услуги и може да го загрози опстанокот на нашите професии.

Затоа, како здруженија, упативме писмо до Министерството за труд и социјална политика со барање за одложување на примената на законските решенија и формирање работни групи за нивно подобрување во кои ќе учествуваат сите засегнати страни, сè додека не се постигне заемно прифатливо решение. Нашите барања ги поткрепивме со образложенија, со анализа на сценарија типични за нашите професии и со аргументации за можна дискриминација.

Писмото со придружните испратени документи можете да ги симнете на следните врски:

Писмо до МТСП
Барања и сугестии за МТСП
Примери и сценарија
Основи за дискриминација

Со почит,
Здружение на преведувачи на РМ
Здружение на лектори на РМ
Здружение на конференциски толкувачи на РМ