ЗПРМ поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација

На 24 декември 2014 година, Здружението на преведувачи на Република Македонија (ЗПРМ) поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација во врска со новиот Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Во претставката ЗПРМ изложува седум аргументи за постоење дискриминација во сегашниот облик на законските одредби со кои се уредува плаќањето задолжителни социјални придонеси, со посебен осврт на припадниците на слободните професии – меѓу кои е и преведувачката – кои се наоѓаат во крајно неповолна положба. Слободните професионалци, особено оние што се занимаваат со прекарна работа, ќе имаат исти обврски како и редовно вработените, а нема да можат да користат некои од клучните придобивки од плаќањето придонеси. ЗПРМ смета дека се онеправдани и лицата што се во редовен работен однос, а остваруваат дополнителни приходи од други активности зашто ќе мораат да плаќаат придонеси двапати, како и сите категории работници што остваруваат месечни хонорари пониски од шест просечни плати.

ЗПРМ доби потврда дека претставката е примена и архивирана, па го очекува одговорот од Комисијата. Во меѓувреме, ќе продолжиме со другите наши активности со цел да ја подобриме состојбата на нашата професија за сите нејзини припадници, без оглед дали се наши членови или не.