Став на ЗПРМ во врска со Законот за задолжително социјално и здравствено осигурување

Здружението на преведувачи на Република Македонија (ЗПРМ) се придружува кон протестот за одложување на стапувањето во сила на измените на Законот за задолжително социјално и здравствено осигурување и повикува на овозможување вистинска јавна расправа, која изостана при неговото донесување. Како здружение што претставува граѓани што своите приходи целосно или делумно ги остваруваат од хонорари, здружението смета дека измените, во овој облик, се неправедни и не ги штитат членовите на преведувачката професија. Здружението начелно не е против идејата слободните преведувачи да бидат пензиски и здравствено осигурени, па е подготвено да учествува во натамошни расправи и да придонесе со свои видувања за уредувањето на ова животно значајно прашање.

Измените ги сметаме за неправедни бидејќи со нив лицата кои остваруваат приходи по различни основи и во различни износи се ставаат во нерамноправна положба. Сметаме дека вака формулираните измени не се во духот на солидарноста и на заедничката општествена корист, меѓу другото и бидејќи се срочени без сеопфатно да се земат предвид состојбите на пазарот на трудот во Република Македонија.

За најголем дел од хонорарните работници и за преведувачите – без оглед дали се вработени или слободни – дополнителната работа не е хоби, туку начин на преживување.

Бидејќи најголемиот дел од хонорарните вршители на преведувачката дејност се слободни и невработени преведувачи, тие нема да ги уживаат клучните придобивки од пензиското и од здравственото осигурување. Имено, нема да имаат право на боледување, на породилно отсуство и на платен годишен одмор. Во случај на спреченост да ја извршуваат својата дејност, хонорарните преведувачи нема да остваруваат приходи, но и нема да можат да ги користат придобивките што ги уживаат лицата што се во редовен работен однос, иако во името на фондовите се откажале од значителен дел од своите приходи, кои инаку би можеле да ги користат за лекување и во текот на породилното отсуство.

Законодавецот очигледно не го зел предвид фактот дека во слободните професии, меѓу кои е и преведувањето, работниот ангажман е главно неизвесен и приходите се остваруваат нередовно и честопати се недоволни да се преживее месецот. Така, осигуреникот ретко е во состојба авансно да ги плати придонесите за следните месеци, поради што е разумно да се очекува дека нема да може да ужива никакви придобивки во месеците во кои нема да остварува приходи.

Законодавецот не оставил можност хонорарниот работник, меѓу кои е и слободниот преведувач, да избере придонесите да ги уплати во приватен фонд и на начин што ќе му овозможи да располага со нив во време на неволја. Понатаму, законодавецот го обврзал вработениот преведувач да уплаќа дополнителни здравствени придонеси, без притоа да му овозможи дополнителни здравствени услуги.

Со оглед на горенаведеното, мнозинството од членовите на здружението се изјаснија за поддршка на протестот и, веруваме, зборуваат и во името на преведувачите кои сè уште не се негови членови.

Со почит,
Здружение на преведувачи на Република Македонија
www.mata.mk