Доделени наградите за најдобар млад преведувач „ВАВИЛОН“

По повод Европскиот ден на јазиците, во ЕУ Инфо-центарот во Скопје беа доделени наградите за најдобар млад преведувач „Вавилон“. Наградата за најдобар млад преведувач ја добија Ѓургица Илиева и Марија Спирковска за превод од англиски на македонски јазик на дел од делото „Чистачот“ од Тери Прачет.
Ајнур Касо беше наградена за преводот од англиски на турски јазик на дел од книгата „Longbourn“ од Џо Бејкер. Почесни награди добија и Илија Трајковски за превод од полски на македонски на дел од делото „Морфиум“ од Шчепан Твардох и Зорица Петкоска и Никола Ѓелинчески за превод од англиски на македонски јазик на дел од делото „Танц со змејови“ од Џорџ Р. Мартин.
Целта на конкурсот што на крајот на минатата година го објавија Делегацијата на ЕУ и Здружението на преведувачи е да ги поддржи младите преведувачи и да поттикне врвен квалитет при преведување литературни дела. Конкурсот беше отворен за преведувачи до 26 години, а пријавите требаше да бидат преводи на литературни дела од кој било од 24-те службени јазици на ЕУ на јазиците кои се зборуваат во земјава.
Првонаградените ќе добијат парична награда од 500 евра, годишно членство во Здружението на преведувачи и објавување на преводот во списанието Културен живот.