Образложение на коментарите и предлозите за Предлог-законот за судски преведувачи на Здружението на преведувачи на РМ

Здружението на преведувачи на Република Македонија (ЗПРМ, www.mata.mk ), граѓанско непрофитно здружение за професионален развој на преведувачи (судски, стручни, книжевни и сите други категории преведувачи) со овој допис до Министерството за правда на РМ официјално ги доставува следниве забелешки и коментари на предложениот Нацрт-закон за судски преведувачи (текстот на предлог-законот кој беше предмет на анализа е текстот објавен на https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view&itemid=k02WWX1/w6PhX/maI2FSwA==&type=1,  пристапено на 7.3.2014 година).

Предложените измени од ЗПРМ се однесуваат на следниве промени: 

1. Правилна примена на термините преведувач и толкувач

Точната терминологија што се користи за означување на професиите поврзани со пренесувањето текст и говор од еден на друг јазик е превод за писмен текст и толкување за говор. Соодветно треба да се користат и глаголите преведува (писмен текст) и толкува (говор), како и именките што ги означуваат двете професии преведувач и толкувач. Како такви двете професии се предвидени во меѓународната класификација на професиите со шифра 2444 Филолози, преведувачи и толкувачи, како и во Статистичката класификација на економските активности во европската заедница (НАЦЕ) со шифра 74.3 Превод и толкување. Постои и Директива на ЕУ 2010/64/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот за правото на толкување и превод во кривични постапки, каде што исто така се прави разграничување на двете активности, а и самата Делегација на ЕУ има два директората, еден за превод, а друг за толкување.

Во општиот поим „толкување“ спаѓа и толкувањето од и на знаковниот јазик на глувите, немите и глувонемите.

Во образовниот систем во РМ, на сите универзитети, државни и приватни,  исто така се прави разграничување меѓу професиите превод и толкување, за кои постојат различни студиски програми. Двете професии, иако се поврзани преку познавањето на јазикот, бараат различни вештини и способности за да се извршуваат.

Од овие причини ЗПРМ смета дека овој нацрт-закон треба да прави разлика помеѓу превод и толкување и, следствено, помеѓу преведувач и толкувач, иако едно лице може да ги врши и двете професии, што неретко е случај.

Воедно, сакаме да ја искористиме оваа можност и да предложиме изедначување на оваа терминологија во сите други законски и подзаконски акти во коишто се споменува. 

2. Дефинирање на статусот на судскиот преведувач и на судскиот толкувач

Како здружение сметаме дека статусот на судскиот преведувач и на судскиот толкувач треба да биде попрецизно дефиниран како стручно (професионално) лице од областа на јазикот што му помага на судијата, и воопшто на државните органи, во извршувањето на работата, како во текот на истрагата така и во текот на судската постапка. Преведувајќи и толкувајќи во и за судот, како и за странките, тој ја врши својата професија за која има специјализирана стручна подготовка. Судскиот превод и толкување претставуваат потесна специјализација во професиите превод и толкување. 

3. Делумни измени во испитот

3.1          Од аспект на поделбата на преведување и толкување, односно на судски преведувач и судски толкувач, ЗПРМ предлага испитот да се полага на следниов начин: кандидатите за судски преведувачи го полагаат првиот (теоретски) дел и вториот (практичен) дел со превод, а кандидатите за судски толкувачи го полагаат првиот (теоретски) дел и третиот (практичен) дел со толкување. Кандидатите што сакаат да бидат судски преведувач и толкувач ги полагаат сите три дела од тестот (еден теоретски и два практични).

3.2          Во поглед на поставеноста на испитот, ЗПРМ смета дека е во ред да има еден теоретски дел, првиот дел во облик на електронски тест со избор од можни одговори, но треба да се посочи што конкретно се тестира во првиот дел. Нашето здружение смета дека првиот дел треба да има два поддела: еден што се однесува на познавањето на јазикот (вообичаени јазични проверки, како при полагањето испит на факултет), а другиот на познавањето на уставното уредување на РМ, на организацијата и наделувањето на правосудните органи, на основите на судските постапки (кривична, парнична, вонпарнична и управна). Овој дел од тестот го полагаат и кандидатите за преведувачи и кандидатите за толкувачи.

          Вториот дел претставува проверка на способноста на кандидатот за распознавање на правилниот превод според сегашното нацрт-решение во законот. ЗПРМ смета дека „препознавање превод“ воопшто не е соодветен начин на проверка на способноста на кандидатот да преведува.

Зошто? Бидејќи овој дел е практичен и се однесува на писмен превод, превод на текст. Преведувањето е вештина што се учи и се покажува само преку практична работа. Оттаму, не е можно да се оцени способноста на кандидатот да преведува по пат на препознавање на точниот превод. Кандидатот мора да биде способен сам да го создаде преводот, а тоа значи дека, покрај терминологијата, треба да ги познава и стилот и регистарот што се потребни за соодветниот превод на извадокот и на јазикот од кој преведува, како и на јазикот на кој преведува. Покрај тоа, мора да биде способен самиот да донесе одлука за граматичката и за синтаксичката структура на реченицата. Сето ова не се проверува при препознавање точен превод како што е предвидено во нацрт-законот. Ова значи дека кандидатите што ќе го поминат вториот дел од тестот нема да бидат вистински проверени дали се способни да преведуваат, што, пак, значително ќе го намали квалитетот на судскиот превод. Тоа, пак, ќе ги загрози граѓанските и човековите права на лицата на кои им е потребен и директно ќе придонесе за неисполнување на обврските на државата за заштита на човековите права во РМ, а особено на лицата што учествуваат во судски постапки што не се водат на нивниот мајчин јазик, како што е предвидено со Меѓународната повелба за граѓански и политички права, новиот Закон за кривична постапка, Европската конвенција за човекови права, како и гореспоменатата Директива. Затоа предлагаме овој дел, покрај првиот, на ваков начин да го полагаат кандидатите за судски преведувач, а да не го полагаат кандидатите за судски толкувач.

Како наша препорака за тоа што треба да се проверува кај кандидатот како знаење и вештина за писмен превод, го цитираме Европскиот стандард за превод EN15038. Следува извадок од  точка 5.4.1 од стандардот:

„Преведувачот е должен да го пренесе значењето од изворниот јазик на целниот јазик со цел да создаде текст што е во согласност со правилата на јазичниот систем на целниот јазик и што ги задоволува добиените упатства за проектот (види 5.3.1.2).

Во текот на овој процес преведувачот е должен да внимава на следново:

а) Терминологија: усогласување со соодветната област и терминологијата на клиентот, или некоја друга доставена терминологија, како и терминолошка доследност низ целиот превод.

б) Граматика: синтакса, правопис, интерпункција, дијакритички знаци.

в) Лексика: лексичка кохезија и фразеологија.

г) Стил: усогласување со сопствените или со упатствата на клиентот во однос на стилот, опфаќајќи го регистарот и јазичните варијанти.

д) Културни специфики: локални конвенции и регионални стандарди.

ѓ) Форматирање (види Анекс Г).

е) Целната група и целта на преводот.“

Овој европски стандард е пренесен во збирот од стандарди на РМ по пат на индосирање (во 2009 година)  на англиски јазик, а во моментов се работи на неговиот превод на македонски јазик.

Следствено, Здружението на преведувачи на РМ предлага вториот дел од испитот (практичен писмен превод) да се состои од преведување текстови, при што кандидатот ќе го отчука преводот во електронскиот систем. Ова е посоодветно бидејќи: (1) постојат повеќе точни преводи на една иста реченица/идеја/порака/факт и кандидатот не треба да биде ограничен од тој аспект, (2) кандидатот ќе има можност да ја покаже својата способност за точно и јасно писмено изразување. Впрочем, таква беше и досегашната практика при испитувањето, а освен тоа ЗПРМ не успеа да најде ниту еден друг пример во Европа каде што вештината на преведување се проверува со препознавање наместо со создавање.

Ако не се земат предвид овие забелешки и предлози во врска со новиот систем за електронско тестирање на јазичното познавање, ќе се направи чекор наназад во однос на целокупниот систем за проверка на знаењето. Како што се вели во обраќањето на министерот за правда од 31 мај 2011 година, одржано при врачувањето на решенијата на кандидатите од седмата испитна сесија, „важноста на правото на судски преведувач ја наметна потребата од измени во Законот за судовите и судскиот деловник, со кои се утврдија нови критериуми за поставување на судските преведувачи, со цел подобрување на дотогашниот квалитет, односно преку проверка на знаењето на странскиот јазик“.

Со оглед на тоа дека, во истото тоа обраќање, министерот вели дека „во праксата, слабиот квалитет на многу судски преведувачи, особено во постапките пред судовите, укажал на потребата за обезбедување на адекватен превод од соодветно обучени и искусни преведувачи кои ќе ја извршуваат својата работа на најпрофесионален и одговорен начин“, сметаме дека може да се додаде и уште еден услов за прием на новите кандидати, а тоа би било барем 5- годишно работно искуство во областа на преведувањето, како што е случај во Хрватска и Црна Гора.

          Третиот дел е исто така практичен и претставува проверка на способноста на кандидатот за консекутивно толкување и него го полагаат кандидатите за судски толкувач, а не го полагаат кандидатите за судски преведувач.

3.3          Кандидатите што сакаат да бидат овластени и за судски преведувач и за судски толкувач ги полагаат и вториот и третиот дел од испитот. 

4. Воведување конкретни одредби за наградата на судскиот преведувач и на судскиот толкувач

Здружението на преведувачи на РМ смета дека при изработката на Правилникот за исплата на награда и за надоместокот на трошоците на судскиот преведувач и толкувач (член 45 од предлог-законот) за наградата и за исплатата на трошоците на судските преведувачи и толкувачи, треба да бидат консултирани и лицата што ја извршуваат оваа дејност, претставени преку соодветните професионални здруженија (ЗПРМ и Македонското здружение на конференциски толкувачи).

Во текстот на законот додадовме одредби за наградата и за трошоците за судските преведувачи и толкувачи, врз чија основа треба да се изврши исплатата. Сметаме дека овие одредби треба да стојат во законот и покрај тоа што ќе биде изработен правилник, бидејќи кратко, но јасно ги дефинираат основите за исплата (но не и износите) во отсуство на правилник. 

5. Повикување на Кодексот на професионално и етичко однесување на судскиот преведувач и на судскиот толкувач

ЗПРМ веќе има изработено ваков кодекс, кој може да послужи. Примерок од кодексот е приложен на овој материјал. 

6. Дополнителни забелешки

6.1 ЗПРМ смета дека, при изработката на програмата за испитот, покрај останатите предвидени членови, во Комисијата треба да учествуваат и претставници од професионалните здруженија

6.2 Ако вториот дел од испитот е со преведување наместо препознавање, како што треба да биде, нема причина речници да не бидат дозволени. Речниците се основна алатка во работата на преведувачите, но не можат од лош преведувач да направат добар.

6.3 Во врска со базите на прашања за првиот дел од испитот подвлекуваме дека за поретки странски јазици како на пр., јапонски, кинески, фински, шведски и слично, тешко ќе може да се изработат, особено во обемот предвиден со законот (за секоја јазична комбинација треба да има по 2000 прашања).

6.4 Во врска со базите на текстови за вториот дел од испитот (500 понудени текстови за превод) за секоја јазична комбинација, се наметнува истиот проблем како и за првиот дел во однос на поретките јазици.

6.5  ЗПРМ смета дека треба да се дадат попрецизни одредби во врска со пренесувањето на имињата меѓу различните јазици и азбуки. Предлагаме законот да се повикува на Правилник на оваа тема во кој точно ќе биде дефинирано како ќе се пренесуваат на кирилица, како на латиница и како од една во друга азбука ќе се пренесуваат карактеристичните букви што ги нема во другите азбуки (на пр. њ, љ, w, y, ñ, Ǽ и сл.).

6.6 ЗПРМ смета дека е потребен период за тестирање на електронскиот систем од аспект на испитаниците пред тој да се стави во функција, а за да има доволно време тоа да се спроведе како што треба, предлагаме примената на новиот начин на проверка на знаењето да се одложи до почетокот на 2015 година.

Со оглед на тоа дека министерот за правда, во гореспоменатиот говор, вели дека „натаму ќе пружа сестрана помош и поддршка и ќе го поттикнува изучувањето и полагањето на странски јазици за потребите на судството и државата“, бараме да се разгледаат и прифатат нашите забелешки и предлози во врска со текстот на нацрт-законот за судски преведувачи.

Во прилог на овој допис ги доставуваме членовите на Предлог-законот за судски преведувачи во кои предлагаме измени, а изоставени се сите оние членови за кои немаме забелешки.

Со почит,

Ирена Кацарски–Ќимова,

Претседател на Здружението на преведувачи на РМ

Предлог-закон за судски преведувачи_забелешки од ЗПРМ