И преведувачкиот еснаф и законот согласни: книжевните преведувачи се автори

Преводот и правото ги најдоа своите допирни точки на првата јавна трибина во организација на Здружението на преведувачи на Република Македонија (ЗПРМ), насловена Книжевниот превод и авторското право, не само во мешаниот состав на учесниците туку и во заемната поткрепа и во надополнувањето на знаењата и мислењата на членовите на двете професии.

Во својата најава за настанот, кој се одржа на 18 јуни 2013 година со поддршка од Филозофскиот факултет во Скопје, ЗПРМ на проблемот околу авторскиот статус на преведувачот му пријде од своето становиште и книжевниот превод го претстави како „своевиден пресек меѓу преведувачката работа и книжевната уметност“. Модераторката на настанот, Драгана Велковска (ЗПРМ), во својот вовед се повика на Валтер Бенјамин и ја посочи тешката задача на преведувачот да го пренесе „недофатното, таинственото, ‘поетското’“ во текстот, кое може „да го пресоздаде само ако и самиот е поет“. Токму тежината и сериозноста на ваквиот предизвик му даваат право на преведувачот да се смета за автор на преведениот текст, кој честопати знае да се претвори и во сосем ново дело.

Од друга страна, пак, една од дефинициите во македонскиот Закон за авторското право и сродните права (ЗАПСП) вели дека авторско дело е и „преработка на авторско дело, доколку ги исполнува условите определени со овој закон“ – односно претставува „интелектуална и индивидуална творба“ – а преработката може да подразбира „превод, приспособување, вклучувајќи и аудиовизуелно приспособување, музички аранжман и друго менување на авторско дело и на дело од народното творештво, како и на други пишани материјали, како што се преводи на службени текстови кои не се направени за службено користење.“

На трибината како говорници се јавија: Огнена Никуљски, лекторка по шпански и англиски јазик при Филолошкиот факултет во Скопје и членка на основачкиот одбор на ЗПРМ; д-р Маја Камбовска-Божиноска, доцент по право на интелектуалната сопственост на Факултетот за правни науки при Универзитетот ФОН; д-р Ратко Дуев, раководител на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје и претседател на Комисијата за издавачка дејност и литература при Министерството за култура и м-р Нина Даскалова-Старделова, директорка на Македонската авторска агенција (МАА).

Прва настапи Огнена Никуљски (ЗПРМ), која низ сликовити примери од своето долгогодишно искуство го претстави книжевниот преведувач како автор и зборуваше за проблемите со кои самата се соочувала во обидите да го оствари она што во ЗАПСП се нарекува „право на заштита на интегритетот на делото“, односно правото преводот да не трпи никакви промени без дозвола од авторот-преведувач. Никуљски посочи и еден мошне интересен аспект на авторското право на преведувачот, а тоа е неговата злоупотреба при појавата на нов превод на книжевно дело кое е веќе преведено. Бидејќи има искуство како вештак во еден ваков судски спор, истакна дека кај нас сè уште не постојат параметри со кои би се утврдило дали новиот превод е сосем нова творба, дали во неговата изработка само е консултиран некој веќе постоен превод, или, пак, е плагијат.

Второто излагање, кое за посетителите – претежно сегашни или идни преведувачи – донесе најмногу новини од чисто правен аспект, беше на д-р Маја Камбовска-Божиноска. Таа се обиде на еден поразбирлив јазик да го проанализира постојниот Закон за авторското право и сродните права и да ги претстави неговите импликации за преведувачите. Д-р Камбовска-Божиноска јасно ги разграничи неотуѓивите морални права на авторот од материјалните права, кои авторот – или во случајов, преведувачот – може по пат на договор делумно или целосно да ги пренесе на друг. Таа направи и неколку споредби со хрватското, српското и француското законодавство, но и им предочи на преведувачите на што да обрнат внимание при склучувањето авторски договори, особено на тоа да не пренесат поголеми права од оние што изворниот автор му ги пренел на издавачот.

Трет настапи д-р Ратко Дуев, кој на проблематиката ѝ пристапи од повеќе страни бидејќи, покрај тоа што е претставник на Министерството за култура, тој и самиот е преведувач и подготвува идни преведувачи од класичните јазици. И тој, како и д-р Камбовска-Божиноска, се осврна на Законот за авторското право и сродните права, но истакна и еден нов аспект во македонскиот високообразовен контекст што задира во прашањето на авторскиот статус на преведувачот. Д-р Дуев го изрази стремежот и книжевните преводи да се вбројат во списокот објавени трудови при изборот во наставно-научни звања, можност каква што во моментов не постои.

Последна свое излагање имаше м-р Нина Даскалова-Старделова (МАА), која акцентот го стави врз практичниот аспект на својата секојдневна работа со автори од секаков вид и најчестите прашања што ѝ се поставуваат. Како особено важна ја нагласи нужноста да се има писмен авторски договор во кој се јасно наведени правата и должностите на обете страни, како и надоместот што му следува на авторот-преведувач за неговиот труд. Без писмен договор преведувачот тешко ќе може да се избори за своите права преку судска постапка доколку се јават какви било проблеми.

Откако говорниците ги завршија своите излагања, следуваше едночасовна дискусија во која учествуваше и публиката, а трибината заврши со неколку главни заклучоци.  Основниот заклучок беше дека книжевниот преведувач несомнено е автор и дека закон што ги штити неговите авторски права постои. Потребно е преведувачите подобро да се запознаат со своите права и да настојуваат на нивно остварување при изготвувањето на авторските договори.

Здружението на преведувачи на Република Македонија смета дека оваа трибина само го начна прашањето за авторскиот статус на преведувачите и планира дополнителни активности во иднина – во вид на слични настани, работилници, но и авторски текстови и истражувања – со кои ќе им го претстави преводот како интелектуален труд на сите чинители во преведувачкиот процес, како и на пошироката јавност.