Преведувачите – клучни за евроинтеграција

 

Подобрувањето на положбата на преведувачите и на толкувачите и решавањето на проблемите во преведувачката индустрија, но и создавањето можности за нивна постојана надградба се клучни за евроинтеграциските процеси на Република Македонија е еден од заклучоците што може да се извлечат од излагањето на членката на основачкиот одбор на ЗПРМ и професорка на Катедрата за преведување и толкување при Филолошкиот факултет во Скопје, д-р Мирјана Алексоска-Чкатроска,  на конференцијата Европската Унија во XXI век: предизвици и перспективи, во организација на Македонскиот институт за европски студии и Правниот факултет „Јустинијан I“ од Скопје.

На конференцијата, која се одржа на 18 мај 2013 година, таа ја отвори дискусијата насловена Иднината на проширувањето на ЕУ и европеизацијата на Балканот со својот труд „Преведувачите и толкувачите: неопходната врска во евроинтеграцијата на Република Македонија“.

Според д-р Алексоска-Чкатроска, позитивните промени во професијата се особено важни ако се земе предвид потребата од околу 250 преведувачи и толкувачи што ќе треба да се вработат во европските институции со стапувањето на Македонија во Унијата, но и многубројните надворешни соработници кои дотогаш ќе мора да го преведат целокупното европско законодавство – кое се состои од околу 130.000 страници текст.

Бидејќи беше единствениот лингвист меѓу излагачите, кои претежно припаѓаа на правните и на економските струки, нејзината презентација внесе свежина и новини во дискусијата, а воедно на маса ги стави прашањата што директно ги засегаат преведувачите и толкувачите од земјава, но и ползата од нивното решавање за севкупниот напредок на Македонија, а особено за напредокот во рамките на евроинтегративните процеси.

Реакциите од публиката беа мошне позитивни. За дел од посетителите повеќето информации што се однесуваат на преведувачкиот процес, на придржувањето кон Европскиот стандард за преведување EN15308 и на занемарувањето на улогата на преведувачите во евроинтеграцијата на Македонија беа новина. Но, и дел од преведувачите што се најдоа во публиката се изненадија од предизвиците што допрва ја очекуваат нивната професија.

ЗПРМ ќе настојува неговите членови да продолжат да ја претставуваат важноста на преведувачката и на толкувачката професија за општествено-политичкиот и економскиот развој на земјата надвор од чисто филолошкиот контекст, а излагањето на д-р Мирјана Алексоска-Чкатроска да биде само првиот во низата настапи од овој вид. По излегувањето на зборникот текстови од конференцијата, трудот на д-р Алексоска-Чкатроска ќе ѝ стане достапен на пошироката читателска публика.