Трибина: „Книжевниот превод и авторското право“

Во рамките на својата годишна програма, ЗПРМ ви ја најавува првата јавна трибина за 2013 година поддржана од Филозофскиот факултет во Скопје, под наслов „Книжевниот превод и авторското право“.

Книжевниот превод претставува своевиден пресек помеѓу преведувачката работа и книжевната уметност. Освен што треба да има темелно познавање на изворниот и на целниот јазик, како и на обете книжевни и културни традиции, книжевниот преведувач треба и длабоко да проникне во литерарноста на изворниот текст и низ многубројни творечки интервенции да се обиде ѝ ја пренесе на целната публика. Тој постојано носи одлуки со кои можеби ја жртвува верноста на преводот кон оригиналот во име на неговата читливост. Затоа во италијанската традиција е обележан како предавник (“traduttore, traditore”).

Бидејќи преводот претставува еден вид авторско дело, би требало да подлежи на иста или слична правна заштита како и другите видови творештво. Во најновата верзија на Законот за авторското право и сродните права не постојат ставки што се однесуваат на преводот. Освен тоа, преведувачите не се доволно запознаени со овој аспект од својата работа и не знаат колку и каква заштита треба да очекуваат или какви се практиките во други земји.

Целта на трибината „Книжевниот превод и авторското право“ е информирање на преведувачите за правото што го полагаат врз преводот и мерките што можат и треба да ги преземат за да го заштитат својот труд. Настанот ќе биде прв во низата дебати на сродни теми со долгорочна цел за градење свест кај преведувачите за нивните права и за поттикнување активности за нивна заштита, кои би ги спроведувале ЗПРМ и релевантните институции, но првенствено самите членови на професијата.