Средба на преведувачи и лектори

На почетокот на март, Здружението на преведувачи на Република Македонија (ЗПРМ), поддржано од Филозофскиот факултет од Скопје, ја организира првата работна средба во соработка со Здружението на лектори на Република Македонија (ЗЛРМ), со наслов „Најчести јазични грешки во преводите“. Средбата се одржа во големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет и на неа присуствуваа преку 180 посетители, пред сѐ членови на здруженијата, но, исто така, и независни преведувачи, лектори, универзитетски професори, научници и студенти; беше отворена за сите заинтересирани и влезот беше слободен.

Средбата ја отворија претседателките на здруженијата – Ирена Кацарски-Ќимова (ЗПРМ) и Лорета Шкиљевиќ (ЗЛРМ) со кусо претставување на организациите и објаснување на причината за соработката. Панелисти беа Огнен Чемерски (ЗПРМ) и Здравко Ќорвезироски (ЗЛРМ). Тие го најавија дневниот ред и ги повикаа присутните на дискусија.

Оваа прва средба имаше општи теми како предмет на дискусија, кои здруженијата сметаа дека се сосема соодветни за да може да се лоцираат основните проблеми што постојат во РМ по ова прашање и за да се дадат насоки и препораки за понатаму. Од средбата произлегоа повеќе заклучоци што ќе треба да се преточат во активности во периодот што следува. Меѓу заклучоците е зацврстување на врската преведувач-лектор, како и нужноста од институционално и здружено делување на двете организации за промена на многу аспекти од преведувачкиот процес во Република Македонија, што директно ќе придонесе за зачувување и за негување на македонскиот јазик и култура.