ИСТОРИЈАТ НА ПРОЕКТОТ НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР МЛАД ПРЕВЕДУВАЧ „ВАВИЛОН“

Наградата „Вавилон“ е прв пат доделена на 26 септември (Европскиот ден на јазиците) 2014 година, по завршениот конкурс во заедничка организација на Здружението на преведувачи и толкувачи (МАТА) и Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

Оттогаш конкурсот секогаш се објавува на 26 септември за наредната година.

Наградата е наменета за млади преведувачи во РМ до 26 години, кои преведуваат од официјалните јазици на Европската унија на сите јазици што се зборуваат во Македонија. Конкурсот се организира во форма на натпревар, при што кандидатите испраќаат преводи на извадоци – во должина од 5000-7000 зборови – од прозни книжевни дела по свој избор. Според условите во конкурсот, делата треба да бидат објавени за прв пат во ЕУ во последните три години до рокот за поднесување на пријавите и да не се преведени на целните јазици опфатени во конкурсот. Наградата е своевиден пилот-проект. Според нашите истражувања, ова засега е единствен натпревар од ваков вид во Европа, па и во светот: опфаќа преводи од повеќе изворни јазици – сите службени јазици на ЕУ – на повеќе целни јазици, односно јазиците што се говорат во Република Македонија.

Првата и единствена награда се состои од тридневно студиско патување на голем саем за книги во земја на ЕУ (за секој добитник на првата награда, односно има толку можни први награди колку што има пријавени преводи на различните јазици што се говорат во Македонија); едногодишно активно членство во МАТА, што го покрива Здружението и важи една година, односно 15 месеци членство, бидејќи почнува да тече од 26 септември во годината на доделувањето; и објавување на дел од првонаградените преводи во списанието „Културен живот“ како почеток на поширока афирмација и градење на професионална биографија на добитникот-добитниците на наградите.

Досега се организирани и спроведени првото, второто, третото, четвртото и петтото издание на Конкурсот за „Вавилон“, доделени се вкупно 9 први награди (на два конкурса прва награда за превод на македонски и прва награда за превод на турски, и на два за превод на македонски и на албански) и е воспоставена долгорочна соработка меѓу МАТА, Делегацијата на ЕУ и културните дејци во Република Северна Македонија.

МАТА ја претставува Наградата „Вавилон“ на своите годишни конференции со регионален и меѓународен карактер, како и на меѓународни конференции на преведувачи – на пример, на Третата меѓународна конференција на Меѓународното здружение на професионални преведувачи и толкувачи (IAPTI) во Бордо во септември 2015 година, а во 2016 и на Генералното собрание на Европскиот совет на здруженија на книжевни преведувачи (CEATL), по што ЗПРМ доби покана и стана член на CEATL, па сега извештај за активностите се поднесува и на годишните конференции на ова значајно здружение. Во 2016 година ЗПРМ ја номинираше наградата Вавилон на натпреварот за 100 најдобри проекти во јазичната индустрија – Language Industry Awards, и го освои 23-то место.